Љубовта кон непријателите е мерка за нашето Совршенство

Ваша Светост, со издавањето на Патријаршискиот и Соборски Томос за Автономија на Православната Охридска Архиепископија, во Р. Македонија веќе постои автономна православна Црква, којашто ја презеде пастирската грижа за верниот народ во земјата. Од друга страна, расколничката јерархија упорно зборува дека канонската Црква пастирски го промашила македонскиот народ. Дали е возможно надвор од границите на Црквата, значи во ереста или расколот, да се говори за вистинско пастирствување, или уште попрецизно, дали во ересите и расколите има спасение?

Со издавањето на Патријаршискиот и Соборски Томос за автономија на Православната Охридска Архиепископија, само е потврдена состојбата, којашто таа Црква ја имаше уште од 1959 година. Православната Охридска Архиепископија, значи, не е некоја нова автономна Црква, туку континуитет на автономната Црква во Р. Македонија, којшто Соборот на Архијереи на Пеќската Патријаршија го даде уште пред 48 години. Потоа, Црквата во Р. Македонија, сама, без согласност за тоа од мајката Црква, прогласи автокефалија. Оттогаш е прекинато секое богослужбено, значи литургиско и канонско единство со јерархијата на таа Црква, којашто со еден таков пучистички акт влезе во црковен раскол.

Автономијата постоеше и функционираше од 1959 година, до 1967 година. Со спогодбата постигната во Ниш 2002 година, таа е прецизирана и постана најшироко возможна, поголема од оние, коишто ги имаат останатите автономни православни Цркви.

Прилично е неодговорно, да не речеме и незрело, да се говори дека со издавањето на Томосот и со признавањето на Православната Охридска Архиепископија која има канонска и пастирска, и духовна јурисдикција на територијата на Р. Македонија, значи, да се говори дека е направено пастирско промашување. За какво пастирствување може да стане збор во расколот? Ако има пастирство и спасение во расколот, тогаш тоа повеќе не би било раскол. Значи, сосема е погрешно, без оглед од кого доаѓа таквото учење, дека народот во Р. Македонија е пастирски промашен со тоа што со Томосот конечно влезе во благодатното и канонско подрачје на Православната Црква. Надвор од Црквата нема спасение, и согласно на тоа невозможно е да се рече дека во расколот има пастирствување, говореше одамна блажениот Августин. Расколниците го имаат истото Свето Писмо, истите свети тајни, но немаат спасение.

Дали е голема разликата помеѓу ереста и расколот, и дали расколот лесно преоѓа во ерес?

Не е голема разликата помеѓу расколот и ереста. Историјата покажала дека секој раскол којшто трае малку подолго, прераснува во ерес. Расколот е грев против единството, тоа значи против љубовта во Црквата, ереста е грев против вистината. Но, ако подлабоко се погледне и едното, и другото се грев против Бога во Троица, Којшто е еден, Којшто е љубов, Којшто е вистина.

Одлуката на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква од 1967 година, за прекинување на богослужбеното и канонско единство со високата јерархија на Македонската православна т. н. Црква веќе е проширена и на народот, којшто одржува религиозни врски со расколничката јерархија во Р. Македонија. Дали со тоа Пеќската Патријаршија веќе прибегна кон црковна акривија?

Општо е познато дека Српската Православна Црква според крајна црковна икономија го прекина богослужбеното и канонско единство со високата јерархија на Македонската православна т. н. црква, но и заради крајна црковна икономија уште не ги судела епископите на таа расколничка организација. Со време се покажа дека тие луѓе, коишто остануваат во расколот ја злоупотребуваат таа љубов и со текот на времето настојуваат таа состојба којашто е задржана толку години заради икономија, да ја покажат како редовна состојба.

Сега кога во Р. Македонија веќе постои канонска автономна Православна Црква, возглавена од Нејзиниот Претстоител, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован, нема повеќе причини таа нередовна состојба да продолжи, и затоа Светиот Архијерејски Собор донесе одлука прекинувањето на богослужбеното и канонско единство да се прошири и на народот којшто заедничари со расколниците во Р. Македонија.

На, крајот, тоа е сосема природно, бидејќи досега постоеше некоја контрадикторност, беше прекинато заедничарењето со јерархијата на расколничката организација, а со народот што е во општење со нив уште не беше прекинато богослужбеното и канонско единство. Тоа беше така, повторно заради крајна црковна икономија. Во тоа време во Р. Македонија немаше канонска јерархија и навистина беше тешко да се прекине секакво богослужбено и канонско единство со верниот народ во Р. Македонија. Тој народ требаше да патува десетици или стотици километри за да би се крштевале, венчавале или причестувале. Но, сега кога постои свештенство, скоро во секој град во Р. Македонија, треба конечно да се расчисти секој канонски метеж, што постоел. Затоа Светиот Собор постапи согласно со древното црковно учење и вековната канонска пракса, дека не се во раскол само оние коишто директно го предизвикале, туку и сите оние коишто се во општење со расколниците.

Некои сакаат црковниот проблем да го прикажат единствено како политички проблем околу името на државата. Дали е навистина овој проблем само политички, или само црковен, или можеби и едното и другото?

Проблемот првенствено е црковен. Колку што сме ние упатени, само некои во Р. Македонија сакаа тој проблем да го претстават единствено како политички. Се разбира, тука постои и некоја доза на политички проблем, но тој не е примарен. Тоа го сфатија и во сите Помесни Цркви кадешто одеше делегација на расколниците сакајќи овој проблем да го претстави исклучиво како политички. Ние многупати говоревме и објаснувавме дека нашата Патријаршија нема никакви проблеми со името на македонскиот народ и името на нивната држава. Но, крајно нечесно е да се ползува Црквата за преку неа да се влијае на политичкиот проблем, којшто македонската власт го има околу името на сопствената држава. Ние не би сакале да влегуваме во судир со оние Цркви на коишто им пречи тоа име. На крајот, каква е смислата да се решава раскол, а да се собира недоверба кај останатите помесни Цркви?

Расколничката јерархија во Р. Македонија со помош на властите ги узурпира сите цркви и манастири. Судот го осуди Архиепископот Јован затоа што влегол во црква во Битола да крштева, полицијата брутално, со примена на сила, ги истера монасите и монахињите коишто пристапија кон Православната Охридска Архиепископија. Да не зборуваме за тоа дека постои сомнеж дека службата за државна безбедност во Р. Македонија, најверојатно го запали манастирот во Нижеполе и секојдневно врши тортура и претреси, не само во становите на Епископите, свештениците и монасите на Православната Охридска Архиепископија, туку тоа го прави и со лаиците. Неговото Блаженство г.г. Јован веќе двапати, во траење од неколку години беше во затвор. Мислите дека е возможно со тие тоталитаристички методи, значи со притисоци, тортура и затвори да се реши црковното прашање во Р. Македонија?

Наше скромно мислење е дека властите во Р. Македонија пред целиот свет се покажаа како недемократски, и како оние коишто на сопствената територија не можат да обезбедат почитување на основните човечки и религиозни права. Претседателот на Р. Македонија г. Бранко Црвенковски остави впечаток на човек, којшто не држи до своите ветувања и отстапува од своите зборови. На сите им е познато дека властите во Р. Македонија кога пред неколку години сакаа да го посетат манастирот „Свети Прохор Пчински“, ветија дека ќе ја регистрираат Православната Охридска Архиепископија како една од верските заедници во Р. Македонија, и дека повеќе нема да ја гонат нивната јерархија и верниот народ. И покрај тоа, тие ја срушија веќе скоро изградената црква во манастирот „Свети Јован Златоуст“. Рушењето на црква предизвикува долгогодишна омраза и нетрпеливост. Тоа навистина беше едно политичко промашување. Никогаш не може да се постигне добро, со зли методи. Тоа што го затворија Архиепископот Јован, и тоа веќе неколкупати, не е ниту за зборување. Нему тоа му е на чест, бидејќи страда на правдина пред Бога, но на срем е на државните власти во Р. Македонија, а уште повеќе на јерархијата на т. н. Македонска Православна Црква, бидејќи тие се поттикнувачи за сите гонења на Црквата во таа земја. Невозможно е да се очекува дека во услови на гонење на Архиепископот Јован може да дојде до било какви преговори со оние коишто го гонат.

Епископатот, клирот и верниот народ на Православната Охридска Архиепископија се под перманентен притисок на властите во Р. Македонија. Таква верска нетолераниција во 21-от век е незамислива. Прашање е како да се сочува душата, значи од една страна да се сведочи верата и се разбира да се страда за Црквата, ако тоа е потребно, но од друга страна и да се љубат сопствените мачители? Како да се љуби оној којшто те плука, те тепа, те изгонува од манастирите и црквите, којшто те суди и затвора, ти ја пали куќата во којашто живееш, и на крајот ти се заканува дека ќе те убие, сето тоа само затоа што сакаш да му служиш на Бога во Троица?

Не сме ниту први, а веројатно нема да бидеме ниту последни, коишто низ маки и страдања влегуваат во Царството Божјо. Сведочењето на верата или како што уште го нарекуваме—мачеништво, основа е на нашата вера. На тоа не упати првомаченикот Господ наш Исус Христос, тој начин на сведочење со сопствената крв го следеа Неговите Апостоли, а потоа и сите маченици и исповедници до нашиве денови. Велико е и прекрасно кога човек добива шанса да ја сведочи својата вера, но кога би можел уште да не ги мрази своите мачители, тогаш тој човек навистина би бил совршен. Христос успеа да покаже љубов кон своите мачители. Се молеше Бог да им прости бидејќи не знаат што прават. Мачителите навистина не знаат што прават. Тие сметаа дека со насилство врз човековата слобода, можат да ја променат неговата вера, надеж и љубов. Кај некои т. н. маловерни, тоа можеби донекаде и успева. Но, кај великите луѓе, кај оние коишто се определиле да Му служат на Бога во вистина и правда, над нив насилството не постигнува никакви резултати. Не можеме да кажеме дека е лесно да се љубат непријателите и мачителите, но тоа е мерката на нашето совршенство. Повикани сме да бидеме совршени, а токму љубовта, дури и кон непријателите и мачителите е вистинскиот критериум дали сме блиску до тоа совршенство.

Би Ве замолиле нешто да им порачате на читателите на „Соборност“ и на православниот народ во Р. Македонија, да ни кажете, значи, за нешто што не ве прашавме?

Сакаме уште еднаш да нагласиме дека црковното единство е основен столб на којшто е положена структурата на Црквата. Црквата не постои без единство. Секој којшто е надвор од единството на Црквата, тој во суштина работи против Црквата. Ниту крвта излиена во мачеништво не може да го измие оној, којшто е надвор од единството на Црквата и којшто упорно останува во раскол. Затоа, по кој знае кој пат, ја повикуваме јерархијата, свештенството и народот во Р. Македонија, коишто уште не се вратиле, да се вратат во единство со Црквата, да му пристапат на канонскиот поредок на Црквата, за да можат да се спасуваат со благодатта Божја, којашто изобилно се дава во Црквата Негова.

Интервју со Неговата Светост Архиепископот пеќски Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски г.г. Павле дадено за периодиката „Соборност“ (бр.19-21)